Левица поднесе тужба до Управниот суд и претставка до Народниот првобранител против незаконското постапување на Министерството за образование за студентскиот оброк.
„Денес, преку група студенти претставувани од Генералниот секретар на Црвена Младина Марија Ванчева, поднесовме тужба до Управниот суд и претставка до Народниот правобранител поради непостапувањето на Министерството за образование во врска со законската обврска за усогласување на субвенционираниот студентски оброк со инфлацијата“, соопштија од Левица.
Претходно, додаваат од партијата, студентите поднесоа формален приговор до МОН, барајќи исплата на законски усогласениот износ и надоместување на финансиската штета предизвикана од тригодишното непочитување на законот.
„Избегнувајќи ја суштината на барањето, Министерството достави допис во кој известува дека започнало разговори со претставници на студентските собранија. Наместо да ја исполни законската обврска, Весна Јаневска повторно ја префрли одговорноста на состаноци и разговори, без да донесе конкретна одлука за кршењето на правата на студентите. Левица со месеци предупредува дека студентите се оштетени за околу 6,5 милиони евра поради тоа што оброкот е замрзнат на 140 денари, иако законот предвидува негово усогласување со инфлацијата. Поднесовме и Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за субвенциониран студентски оброк, со кој предложивме износот да се утврдува во висина од 1% од минималната плата, правото да важи за сите студенти, како и отстранување на ограничувањата и дискриминаторските критериуми во постојниот систем“, велат од партијата.
Од Левица појаснуваат дека со поднесената тужба до Управниот суд барат судот да го испита, како што велат, незаконското постапување на МОН и да обезбеди заштита на законските права на студентите, додека со претставката до Народниот правобранител бараат да го испита, како што велат, непостапувањето на Министерството и да преземе мерки во рамките на своите надлежности.
„Студентите не смеат да останат без правна заштита само затоа што Министерството реши да ја игнорира својата законска обврска. Во услови кога Мицкоски се чувствува повикан да ги брани професорите од „непристојните“ студенти, но не најде за потребно да ги брани студентите од сопствената Влада која три години им ги крати законски загарантираните средства, ги повикуваме двете институции да постапат итно и да не дозволат административното избегнување одговорност да продолжи на штета на студентите. Бараме утврдување на повредата на законските права, спроведување на обврската за инфлациско усогласување и надоместување на финансиската штета што студентите ја трпат поради неисполнувањето на законот“, велат од Левица.




















