Преговорите за завршување на конфликтот во Украина, закажани за 10 и 11 ноември во Абу Даби, беа планирани без учество на европски претставници, изјави денес портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој објасни дека разговорите ќе се водат во трилатерален формат, меѓу Русија и Украина, со посредство на Соединетите Американски Држави, пренесува Спутник.

„Што се однесува до европското присуство, знаете дека Американците имаат свои канали за комуникација со Европејците, а Украинците имаат свои канали за комуникација со Европејците и очигледно веќе го градат својот механизам за координација, но, повторувам, зборуваме за трилатерални преговори“, изјави Песков пред новинарите.

Неговата изјава следеше по медиумските извештаи дека високи европски претставници би можеле да патуваат во Абу Даби за да следат одредени фази од преговорите.

Песков се осврна и на претходната изјава на американскиот претседател Доналд Трамп, кој навести дека преговорите за завршување на украинскиот конфликт наскоро би можеле да донесат резултати, како и дека Украина би можела да добие поинаква форма по завршувањето на војната.

На прашањето на новинарите дали изјавата на Трамп се однесува на територијални промени или на можни промени во политичкиот систем на Украина, Песков одговори дека прашањето треба да му се упати на американскиот претседател.

„Би препорачал да ги упатите вашите прашања до претседателот Трамп. Што се однесува до обликот на Украина, географски, таа е веќе поинаква земја. Реалностите на терен се очигледни и малку е веројатно дека некој може да ги негира“, рече портпаролот на Кремљ.

Песков не прецизираше за кои конкретни територијални промени се однесува неговата изјава.

Следната рунда трилатерални преговори меѓу Русија, Соединетите Американски Држави и Украина е планирана за 10 и 11 ноември во главниот град на Обединетите Арапски Емирати.

Фото: ЕПА