Оваа година е на пат да стане една од четирите најтопли години во историјата на мерењата, при што температурите се под влијание на силниот феномен „Ел Нињо“ и тековното глобално затоплување, се наведува во извештајот на Обединетите нации објавен денес.
Нова рунда преговори во рамките на климатската конференција на ОН (COP) се одржува во Турција, од денес па сè до 20 ноември, а извештајот за состојбата на климата, изготвен од Светската метеоролошка организација (WMO), ќе им ги понуди на учесниците најновите достапни податоци, пренесува Ројтерс.
Во извештајот се наведува дека во периодот од јануари до септември оваа година, просечната глобална температура била за 1,47 степени повисока од просекот во прединдустрискиот период, а постои можност таа дополнително да се зголеми поради влијанието на силниот „Ел Нињо“.
Извештајот на WMO покажува дека секоја од последните дванаесет години – вклучително и оваа – спаѓа меѓу дванаесетте најтопли години откако започнале мерењата, околу 1850 година.
„Сите показатели ја раскажуваат истата приказна. Гледаме како топлината, заробена од стакленичките гасови, се манифестира во океаните, во атмосферата, преку топењето на мразот и порастот на нивото на морињата“, изјави за новинарите во Женева Џон Кенеди, раководител на одделот за климатски информации при WMO, во пресрет на конференцијата.
Овој праг беше утврден со Парискиот договор од 2015 година. Во извештајот на една од агенциите на ОН се наведува дека планетата акумулира сè поголеми количества топлина, при што температурите на океаните продолжуваат да растат и оваа година, надоврзувајќи се на рекордните нивоа забележани во 2025 година.

















