Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека следната недела во Кина би можел да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин и со кинескиот претседател Ши Џинпинг. Тој рече дека би сакал со нив да разговара за нуклеарното разоружување и за можноста за ставање крај на војната во Иран, пренесува „Еуроњуз“.
Трамп им изјави на новинарите дека очекува да се сретне со Путин и Ши за време на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (APEC), кој ќе се одржи на 18 и 19 ноември во Шенжен, Кина.
„Па, одам во Кина и мислам дека една од средбите ќе биде со претседателот Путин и претседателот Ши. Ќе биде интересно“, рече вчера Трамп. „Ќе разговараме за многу работи, вклучително и за нуклеарното разоружување. Се обидуваме да ставиме крај на војната во Иран“, додаде тој.
На 21 октомври, Кремљ потврди дека се подготвува средба меѓу тројцата лидери. Оваа потврда уследи по извештајот на „Волстрит џурнал“ во кој се наведува дека Путин има намера да ја искористи средбата за да обезбеди мировен договор за Украина, кој би бил поволен за Москва.
„Мислам дека средбата ќе се одржи. Единственото прашање е форматот и содржината“, изјави Сун Јун, директорка на Кинеската програма во Центарот „Стимсон“. „Кина сака да остави добар впечаток, но не сака да ги сноси трошоците“, додаде таа.
Расел смета дека Трамп, поради својата наклонетост кон авторитарни лидери, со задоволство би прифатил една таква средба. Сепак, тој тврди дека неговите советници наводно го предупредиле да избегнува разговори за Украина. За време на неговата посета на Шенжен, предвидено е Трамп да се сретне и со Ши, што би била нивна трета средба оваа година. Двајцата лидери се обидуваат да го одржат трговското примирје меѓу САД и Кина, кое истекува во јануари.
Крег Синглтон, директор на програмата за Кина при Фондацијата за одбрана на демократиите, смета дека средбата би можела да заврши без конкретни резултати. Според неговата проценка, средбата би можела да се сведе само на заедничко фотографирање, што би му овозможило на Путин да се појави покрај американскиот и кинескиот претседател.
„Но, таквите фотографирања имаат сè помала дипломатска вредност“, рече Синглтон. „Еден спектакл може да биде историски, а притоа да не донесе ништо особено значајно“, заклучи тој.


















