Вистината за Алта банка е на виделина, на потег е јавното обвинителство, вели Александар Саша Димитријевиќ – генерален секретар на СДСМ.
„’Со премиерот секако’ – Имаме признание на Трајко Славески дека Мицкоски ја донел одлуката за Алта банка, пералницата на пари на Вучиќ и неговата мрежа. СДСМ алармираше уште пред 11 месеци да не се дозволи но Христијан Мицкоски ја внесе Алта банка во Македонија. Додека во Европа имаше санкции и суспензии, додека во Црна Гора имаше одбивање и притисоци што не влегла Алта банка, Мицкоски и Трајко Славески ја внесоа во Македонија. И покрај тоа што Европската централна банка реагирала, и покрај сомнителниот капитал, и покрај тоа што формалниот сопственик имал менувачница а не банка“, рече Димитријевиќ.
Тој додаде дека Мицкоски на седница на Влада носел одлуки јавни претпријатија да ги продаваат акциите на Алта банка.
Со одлука на Влада, рече Димитријевиќ, му овозможиле на Давор Мацура да стекне поголем пакет акции на сметка на државата.
„Банкарот на Вучиќ е и банкар на Мицкоски. Сега во Србија има отворено стечај за Алта банка, Мацура е уапсен, има истрага за 380 милиони евра. Во Македонија има принудна управа, народот не може да дојде до своите пари и заштеди, пензионерите до своите пензии, фирмите не можат да исплатат плати. Фактите се на виделина. Затоа Мицкоски е во паника затоа што знае дека ќе одговара“, рече тој.
Според Димитријевиќ, сега е на потег Јавното обвинителство и Ненад Савески.
„Мора нешто да преземе. Прво Савески треба да ги блокира телефонските повици од Мицкоски, да ги одбие нарачките, наредбите од телевизија или од собраниска говорница и да постапува по закон. Во спротивно станува соучесник. Во Кривичниот законик, членот 368-а, јасно е посочена одговорноста за „попречување на правдата“. Мора да почне да си ја работи работата за која положи заклетва оред народот, а не пред ВМРО. Истрага и одговорност за Мицкоски, Славески, Кочовска за сите инволвирани во носењето на Алта банка во Македонија, на сите кои ја донесоа, кои помагаа, правеа притисок врз јавни претпријатија и кои дозволија да се случи овој огромен скандал“, рече генералниот секретар на СДСМ.




















