Инцидент со употреба на огнено оружје бил пријавен на локалниот пат меѓу гостиварските села Дебреште и Врапчиште, откако во автомобил во движење бил забележан проектил, а на возилото биле констатирани оштетувања.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 6 ноември, околу 22:40 часот, 28-годишниот Е.Ј. од Гостивар пријавил кривично дело „предизвикување општа опасност“ во Полициското одделение Галате.

Во пријавата се наведува дека додека 31-годишниот Е.З. од Гостивар управувал автомобил „БМВ“ со гостиварски регистарски ознаки, движејќи се од Дебреште кон Врапчиште, патниците слушнале силен удар во задниот дел од покривот на возилото.

Откако застанале и излегле од автомобилот, забележале проектил од огнено оружје, како и оштетувања на хаубата.

Полициски екипи извршиле увид на местото на настанот, а МВР презема мерки за целосно расчистување на случајот.