„ДПМНЕ и Орце Ѓорѓиевски продолжуваат да се однесуваат ненаситно и Градот да го третираат како партиски плен! По скандалозните избори на членови во одборите, до Левица пристигнуваат информации дека поранешниот портпарол на ДПМНЕ, Димче Арсовски, е новопоставен директор на Младинскиот културен центар“, велат од партијата Левица.

„МКЦ, кој важи за симбол на независната културна сцена, младинскиот бунт и слободното творештво, сега се соочува со уште едно кадровско решение за кое јавноста заслужува одговор: Со какво искуство во културата, менаџерски резултати и со каква развојна програма Арсовски е именуван да раководи со оваа институција? Неговата јавно позната биографија е исклучиво партиска и никако културна. Портпаролското искуство и годините поминати во партиските структури не можат да бидат замена за професионалните квалификации потребни за раководење со и онака кревка установа како МКЦ.

Пред сѐ, крајно поразително е што оваа брутална партизација дури и на културните установи се случува во очи на „Скопје 2028“, кога главниот град треба да ја понесе титулата Европска престолнина на културата, а дополнително што ова се случува со институција која со години се соочува со финансиски и кадровски проблеми.

Наместо сериозна обнова и враќање на достоинството на културните работници, градската власт на Орце и ДПМНЕ повторно го отвора прашањето за партиската контрола врз културата. МКЦ има потреба од раководство што ќе ја обнови неговата програма и ќе ја заштити независноста на институцијата, а не од кадровска политика во која партиската биографија има предност пред културната.

Бараме Орце Ѓорѓиевски веднаш да се произнесе по ова скандалозно кадровско решение. Дополнително, најавуваме дека во наредниот период Левица со особен фокус на културата ќе објавува скандалозни информации“, соопшти партијата Левица