Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека наскоро ќе одлучи дали САД ќе продолжат со воените напади врз Иран, со цел да спречат обновување на иранската нуклеарна програма.

По состанокот со советниците за национална безбедност, Трамп изјави дека Вашингтон веќе ги постигнал своите цели во Иран, но не ја исклучи можноста за нови воени операции.

„Повеќе би сакал да не го уништувам остатокот од земјата, ако е можно, но можеби ќе морам. Наскоро ќе дознаете“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа.

Според „Аксиос“, американската Централна команда (ЦЕНТКОМ) ги завршува подготовките за евентуално продолжување на големите воени операции против Иран, но засега нема добиено нова наредба од Вашингтон.

Паралелно продолжуваат дипломатските напори за постигнување договор со Техеран, во кои важна посредничка улога има Катар. Трамп разгледува три можности – нови воени напади, продолжување на економскиот притисок или постигнување дипломатски договор.