Дваесет и едно годишниот В.Г. кој беше пронајден мртов покрај запален автомобил кај Богданци бил пријавен во полиција за насилство информираа од МВР. Во полиција го пријавил таткото на неговата 17-годишна девојка.
Претходно, на 01 октомври во 01:30 часот од страна на Џ.К.(46) во Гевгелија е пријавено дека на 30.09.2026 околу 21:00 часот по претходна вербална расправија помеѓу неговата 17-годишна ќерка и В.Г.(21) кои биле во љубовна врска, во семејната куќа на В.Г. во Богданци, физички ја нападнал неговата малолетна ќерка и ѝ упатувал закани по живот, доколку си замине од куќата.
В.Г. ѝ го оштетил мобилниот телефон со цел да не може да повика полиција. Во даден момент, малолетничката успеала преку прозорецот да избега од куќата, при што ѝ била пружена помош од случајни минувачи кои повикале полиција и истата била пренесена во Итна медицинска помош при ЈЗУ Општа болница Гевгелија.
За настанот бил известен Јавен обвинител и составен бил Записник за примање на пријава за сторено кривично дело „телесна повреда” по член 130 став 2 од Кривичниот законик. Од страна на полициски службеници на 01 октомври, В.Г.(21) бил уапсен и извршен бил службен разговор. На 14 октомври, против него била поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „телесна повреда“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.















