Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека бројот на жртви во сообраќајни несреќи е значително намален во споредба со претходните години, оценувајќи дека поставувањето камери во рамки на проектот „Сејф сити“ придонесува за подобрување на безбедноста на патиштата.
Според бројките што ги презентираше, досега се регистрирани 85 жртви во сообраќајни несреќи, наспроти 117 во споредбениот период од минатата година.
„Бројките се драстично подобрени во однос на претходните години. За жал, имаме 85 жртви, што е драстично помалку од лани кога сме имале 117 и драстично помалку од сите останати години“, изјави Тошковски.
Тој посочи дека првичните согледувања укажуваат на намалување на бројот на сообраќајни незгоди по поставувањето на камерите, но најави и потреба од подлабинска анализа на состојбите.
Според министерот, особено внимание треба да се посвети на таканаречените „црни точки“, односно локациите на кои се случуваат сообраќајни несреќи со смртни последици, за да се утврди каде се потребни дополнителни мерки за подобрување на безбедноста.
















