Државниот завод за ревизија (ДЗР) ги повика граѓаните, институциите, организациите и здруженијата да достават предлози за институции и области за кои сметаат дека треба да се спроведе државна ревизија. Рокот за доставување на предлозите е 1 декември 2026 година.

Повикот е дел од подготовката на Годишната програма за работа на ДЗР за 2027 година, со која ќе се утврдат ревизорските активности за следната календарска година.

Од ДЗР информираат дека целта е да се зголеми транспарентноста и да се вклучи јавноста во утврдувањето на ревизорските приоритети. Доставените предлози ќе бидат разгледани, но конечниот избор на ревизиите ќе зависи од процената на ризиците, стратешките документи, професионалните стандарди и расположливите ресурси.

Заинтересираните можат да ги достават своите предлози електронски, преку веб-формуларот „Барање за ревизија“ на страницата на ДЗР, или во хартиена форма на адресата на институцијата, ул. „Павел Шатев“ бр. 2, Палата „Емануел Чучков“ во Скопје.

Годишната програма ја донесува главниот државен ревизор, а најдоцна до крајот на декември треба да биде доставена до Собранието и објавена на веб-страницата на ДЗР.