Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше и се обрати на промоцијата на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026 – 2030 година, истакнувајќи дека заштитата на човечкиот живот мора да биде највисок приоритет на институциите и на целото општество.
Во своето обраќање министерот посочи дека во изминатите 35 години на македонските патишта годишно во просек животот го губеле околу 150 лица, што ја потврдува потребата од системски пристап и континуирани активности за подобрување на сообраќајната безбедност.
„Кога говориме од аспект на безбедност генерално, но кога говориме за безбедност во делот на сообраќајот, тука особено во изминативе 35 години, навистина не можеме да кажеме дека имаме навистина добри резултати. Просек на загубени човечки животи во последниве 35 години годишно е негде околу 150 во Македонија“, истакна Тошковски.
Министерот ги презентираше и најновите податоци, според кои во првите десет месеци од 2026 година во сообраќајни незгоди животот го загубиле 84 лица, наспроти 117 во споредбениот период минатата година, што претставува 33 помалку загубени човечки животи. Тој нагласи дека станува збор за значително подобрување на состојбите, особено ако се има предвид дека и во годините со драстично намален сообраќај, како 2001 и 2021 година, бројот на загинати бил повисок.
Особена благодарност Тошковски упати до македонските граѓани, истакнувајќи дека нивното посовесно однесување во сообраќајот, заедно со активностите на институциите, превентивните кампањи и поддршката од општествено одговорните компании и граѓанските организации, придонеле за намалување на бројот на сообраќајни незгоди, повредени и загинати лица.
„Овој ден, овој момент сакам да го искористам уште еднаш да им се заблагодарам на македонските граѓани, пред сè заради тоа што тие се тие кои најмногу допринесоа да се намали бројката на жртви во Македонија. Тие се тие коишто одлучија да управуваат моторни возила и да бидат учесници во сообраќајот посовесно од претходно“, порача министерот.
Говорејќи за новата Национална стратегија, Тошковски нагласи дека таа поставува јасна цел – до 2030 година бројот на загинати лица во сообраќајни незгоди да се намали за 50 проценти во однос на 2024 година. Стратегијата се темели на принципот „Секој живот е важен“ и предвидува заедничко делување на институциите и општеството преку превенција, едукација, подобрување на сообраќајната култура и примена на современи технологии.
„Човекот секогаш може да згреши управувајќи моторно возило, но државата е таа којашто треба да стори сè за да го намали бројот на жртви во рамки на сообраќајот, да го намали бројот на повредени луѓе во рамки на сообраќајот и да стори сè за да може максимално превентивно да делува во насока на подобрување на сообраќајот“, истакна Тошковски.
Министерот информираше и дека напорите на Македонија за унапредување на сообраќајната безбедност добиваат меѓународно признание, при што Министерството за внатрешни работи е меѓу петте селектирани институции за потенцијална награда на престижниот светски полициски самит во Дубаи, заедно со полициски служби од држави како Сингапур и ОАЕ.
На крајот, Тошковски изрази уверување дека со заедничка одговорност, доследно почитување на правилата и континуирана институционална посветеност, Македонија ќе продолжи да ги подобрува резултатите и да се приближува кон крајната цел – што помалку сообраќајни незгоди и нула загубени човечки животи.
















