Времето денеска ќе биде претежно облачно, со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни и ќе надминат 25 литри на квадратен метар. Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец. Минималната температура ќе се движи од 7 до 11 степени, а максималната ќе достигне од 11 до 15 степени.

Во Скопје ќе преовладува претежно облачно време со повремен дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9 степени, а максималната ќе достигне 14 степени.

Во наредните денови времето ќе биде под влијание на циклонска активност. Од денеска до вторник ќе биде претежно облачно и постудено, со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет. Пообилни врнежи се очекуваат во вторник.

На повеќе места се очекува да наврнат над 25 литри дожд на квадратен метар за 24 часа, а локално, во текот на прогнозираниот период, количината може да надмине и 60 литри на квадратен метар.

Од среда, па и во наредните денови, се очекува стабилизирање на временските услови.