Студентската листа „Студентите победуваат“, која победи на парламентарните избори во Србија, денеска одржа прес-конференција во Пионерскиот парк во Белград, на местото на поранешниот „Ќациленд“, од каде што побара низа итни оставки, отворање истраги и спречување злоупотреби при транзицијата на власта, пренесува „Индекс“.
Четири дена по изборната победа, на која според досегашните резултати освои повеќе од 52 отсто од гласовите, студентското движење порача дека промените почнуваат веднаш, без да се чека формирањето на новата влада.
Студентите побараа итни и неотповикливи оставки од директорот на полицијата Драган Васиљевиќ, директорот на Безбедносно-информативната агенција (БИА) Владимир Орлиќ, претседателот на Уставниот суд Владан Петров, генералниот директор на „Телеком Србија“ Владимир Лучиќ и заменик-генералниот директор на РТС, Дејан Јовановиќ.
Оставки побараа и од главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ, и неговиот заменик Миодраг Марковиќ, обвинувајќи ги за пристрасност и селективно постапување.
Студентската листа побара од надлежните обвинителства повторно да ги отворат или продолжат истрагите за случаите „Крушик“, „Савамала“, убиството на Оливер Ивановиќ, падот на хеликоптерот и несреќата кај наплатната рампа Дољевац.
Побарана е и проверка на финансиските текови на големите државни проекти, меѓу кои ЕКСПО, „Белград на вода“, автопатот „Милош Велики“ и проектите поврзани со „Рио Тинто“.
Студентската листа ги повика вработените во државните институции да пријавуваат сомнителни исплати, договори, злоупотреби и евентуално уништување документација. Најавија и посебна електронска адреса за пријавување неправилности.
Од Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) побараа да поведе постапка против телевизијата „Информер“ поради, како што наведоа, навреди и ширење говор на омраза.
Истовремено, побараа што побрзо прогласување на конечните изборни резултати и попис на состојбата во министерствата, јавните претпријатија и државните фондови. Изборите треба да се повторат на 53 избирачки места на 1 ноември, поради што е одложено конституирањето на новиот парламент.
„Не дојдовме да се одмаздуваме, туку да им ги вратиме институциите на граѓаните. Секој што го прекршил законот мора да одговара, без оглед на функцијата што ја извршува или ја извршувал“, порачаа.




















