Музичкиот фестивал „Exit“ се враќа на Петроварадинската тврдина следниот јули, објавија организаторите, иако првично беше планирано враќање со полн капацитет дури во 2028 година.

„По три дена славење на оваа историска победа, со огромна радост потврдуваме: ’Exit‘ се враќа дома“, соопштија од фестивалот на своите официјални канали на социјалните мрежи.

Организаторите потсетија дека претходно изјавиле оти „Exit“ ќе се врати штом слободата ќе се врати во Србија. Според нив, тој момент пристигна благодарение на храброста, одлучноста и истрајноста на студентите.

„Првично го планиравме нашето враќање за 2028 година, бидејќи организирањето на настанот во полн обем, онака како што ние го замислуваме, бара најмалку 18 месеци подготовки. Но, вие нè опсипавте со толку многу љубов“, велат организаторите.

Тие понатаму објаснуваат дека добиле огромен број пораки и коментари; големото медиумско внимание јасно покажало дека публиката не може да чека толку долго – а не можеле ниту тие.

„Затоа, иако големото враќање на ’Exit‘ првично беше планирано за 2028 година, ќе се собереме на Тврдината уште следниот јули. Ќе славиме слобода, единство и љубов преку едно посебно ’Exit‘ искуство, кое наскоро ќе го откриеме“, се наведува во соопштението.

Како потсетување, организаторите на „Exit“ претходно изјавија дека фестивалот во Србија бил „фактички забранет“ поради поддршката што им ја пружиле на студентите. Како резултат на тоа, настанот оваа година не се одржа во Нови Сад, каде што се одржуваше 25 години по ред. Овогодинешното издание на фестивалот, пак, се одржа на различни локации ширум светот – од Црна Гора и Малта, па сè до Египет.