Левица поднесе амандман на ребалансот на Буџетот со кој побара зголемување на средствата за финансиска поддршка на претприемништвото, отворање нови бизниси и развој на микро, малите и средните претпријатија. Амандманот беше одбиен од ДПМНЕ, информираат од оваа партија.
Во своето образложение, пратеникот од Левица Амар Мециновиќ посочи дека постојат сериозни индиции дека во изминатата година не функционираат редовните програми на Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Македонија (АППРМ), вклучително и модулите за поддршка при отворање мали бизниси и програмата за менторство на корисниците на државната поддршка.
Станува збор за, како што појаснуваат од партијата, една од ретките долгорочни програми што со години им помага на граѓаните да започнат сопствен бизнис и да создадат услови за сопствена економска независност. Според податоците наведени од Мециновиќ, над 80% од претпријатијата што ги поминуваат модулите на АППРМ продолжуваат да постојат и по три години.
Во услови на стагнација на платите, раст на трошоците за живот и сè понеповолни услови за младите работници, поддршката за малите бизниси и занаетчиите, како што е оценето, треба да биде приоритет.
„Наместо да се вложува во домашните претприемачи, ДПМНЕ одби да ги обезбеди бараните дополнителни средства.
Левица предупредува дека ваквиот пристап ги потиснува иницијативите за економска самостојност и оди во прилог на политиките што ги ставаат интересите на крупниот капитал пред потребите на граѓаните. Додека малите претпријатија се борат за опстанок, Владата пропушта да поддржи програми што можат да создадат нови работни места и да ја зајакнат домашната економија“.
Левица бара од надлежните институции да одговорат зошто програмите на АППРМ не се спроведуваат во предвидениот обем и зошто се одбиваат дополнителни средства за поддршка на домашното претприемништво.
















