Полифенолите од боровинки и брусница би можеле да го забават стареењето на клетките и развојот на фиброза, односно замена на здраво ткиво на ткиво слично на лузни, според истражувањето на научниците од Државниот универзитет во Сургут и Националниот центар за биотехнологија на Казахстан.

Според директорката на Медицинскиот институт на Универзитетот во Сургут, Људмила Коваленко, ефектот на полифенолите врз забавувањето на стареењето на клетките бил најизразен кај боровинките, објави Риа Новости.

Истражувачите анализирале бобинки одгледувани во регионот Сургут, во северна Русија.

Полифенолите се растителни соединенија кои, покрај тоа што ги штитат растенијата од штетници, болести и ултравиолетово зрачење, имаат антиоксидантни и антиинфламаторни својства.

Научниците утврдиле дека соединенијата од боровинки и брусница имаат потенцијал да ги регулираат процесите на стареење на клетките и развојот на фиброза.

Фиброзата вклучува формирање на лузни и може да влијае на белите дробови, црниот дроб, бубрезите, срцето и цревата.

Според Коваленко, истражувањето укажува на можноста за употреба на полифеноли за намалување на ризикот од развој на фиброза и забавување на нејзината прогресија, особено кај белодробната фиброза.

Научниците изјавија дека резултатите од истражувањето би можеле да послужат како основа за развој на функционални прехранбени производи, а на долг рок и лекови за третман на фиброза.

Истражувањето е спроведено во рамките на проектот на Државниот универзитет во Сургут „Биомедицински решенија за персонализирана медицина“ и е објавено во списанието „Биомедицини“.