Германскиот министер за одбрана Борис Писториус и неговите колеги од Франција, Италија, Полска и Велика Британија ги повикаа европските земји да преземат поголема одговорност за сопствената безбедност и да изградат „посилна Европа во рамките на посилно НАТО“, оценувајќи дека Русија претставува најголема непосредна и долгорочна закана за евроатлантската безбедност и стабилност.

Во заеднички авторски текст, објавен од „Тагешпигел“, петте министри за одбрана истакнаа дека се убедени дека европските земји мора да сторат повеќе за да ги зајакнат сопствените одбранбени капацитети.

Министрите, сепак, нагласија дека Соединетите Американски Држави ќе останат „неопходен сојузник“.

Нивната порака доаѓа во време кога во Европа расте загриженоста за посветеноста на американскиот претседател Доналд Трамп кон НАТО. Трамп претходно се закани дека ќе ги повлече САД од Алијансата, а исто така најави и преземање на контролата врз Гренланд, автономната територија на Данска, која е членка на НАТО.

Вашингтон постојано ги повикува европските членки на Алијансата да ги зголемат средствата за одбрана и да придонесат повеќе за заедничките воени капацитети, пренесува Танјуг.

Во заеднички текст, министрите ја повторија својата политичка, воена и финансиска поддршка на Украина во одбрана од руската инвазија, во време кога е доведен во прашање обемот на идната американска помош за Киев.