Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, учествуваше на панел-дискусијата „Кој ја обликува праведната зелена транзиција“, во рамки на Социо-еколошкиот форум во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, каде ги претстави локалните политики и конкретните чекори што ги презема општината за енергетската транзиција, заштитата на зеленилото и унапредувањето на јавните простори.
Тој посочи дека општината со формирањето на „Енергија Центар“ во 2023 година, првото општинско претпријатие во државата за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори, стана лидер во процесот на енергетската трансформација.
„Веќе имаме поставено фотоволтаични централи на детската градинка „Корчагин“, клон „Пепелашка“, како и на основните училишта „Киро Глигоров“ и „Св. Кирил и Методиј“. Следен објект е ООУ „Димитар Миладинов“, каде по завршувањето на реконструкцијата на покривот ќе бидат инсталирани фотоволтаични централи. Наша цел е до крајот на мандатот сите образовни објекти под надлежност на Општина Центар да добијат фотоволтаични централи“, истакна Герасимовски.
Градоначалникот нагласи дека зелената транзиција подразбира и јавни простори што се пристапни за сите, вклучително и за постарите лица, лицата со попреченост и родителите со детски колички. Затоа, граѓаните треба да бидат вклучени уште во фазата на планирање, а не само да се консултираат откако проектите ќе бидат подготвени.
Општина Центар располага и со Зелен катастар и ГИС-портал, преку кои се евидентира, следи и планира зеленилото врз основа на конкретни податоци. Овие алатки овозможуваат подобар увид во состојбата со зелените површини и поодговорно планирање на нивната заштита и унапредување.
„Зелената транзиција не е само прашање на екологија и енергија. Таа е прашање на еднаквост, достапност и квалитет на живот. Ако сакаме навистина зелен и праведен град, мора да го градиме заедно со граѓаните, а не само за нив“, порача Герасимовски.


















