Кон крајот на 2023 година, на една пациентка ѝ бил отстранет целиот желудник поради погрешна дијагноза на рак; подоцна се испоставило дека таа всушност имала бениген тумор, за кој не била потребна таква операција. Општинското државно обвинителство во Загреб поднесе обвинение против лекарката од КБЦ „Сестре милосрднице“, која ја поставила дијагнозата, пренесува Јутарњи лист.
За време на операцијата во КБЦ Загреб, покрај желудникот, на пациентката ѝ биле отстранети и лимфните јазли, оментумот, слепото црево и жолчното ќесе. Обвинителството тврди дека лекарката погрешно го протолкувала резултатот од биопсијата како аденокарцином, додека всушност станувало збор за бениген невроендокриен тумор.
Според обвинението, лекарката не спровела дополнителни испитувања со кои би можела да се утврди точната дијагноза. Таа се товари за несовесно лекување што резултирало со особено тешка телесна повреда, а обвинителството бара казна затвор во траење од една година.
Судските вештаци од областа на медицината утврдиле стручен пропуст во дијагностичкиот процес, како и тешки и трајни последици кои настанале како резултат на операцијата. Пациентката моментално страда од гадење, повраќање, дијареја, значително губење на тежината и психолошки проблеми, вклучително и посттрауматско стресно растројство.

















