Модата, младите таленти и уметноста се сретнаа во Скопје, каде што балканското полуфинале на „Топ модел Европа“ (Top Model Eu ope) ги стави во фокус новите модни имиња. Меѓу нив се Лина Настевска и Драган Николов, кои со гласовите на публиката обезбедија директен пласман во големото финале на натпреварот, закажано за 6 декември во Белград.
Музејот на македонската борба за самостојност пред една недела беше домаќин на модната вечер, која покрај натпреварувачкиот дел понуди простор за средба на модели, модни дизајнери и уметници. Преку седум модни презентации, публиката имаше можност да проследи различни стилови, креативни концепти и авторски визии.
Настанот го организираше Душца Шалева, модна креаторка на висока мода во Париз и директорка на „Топ модел Европа“, со идеја да се создаде платформа што ќе ги поврзува младите таленти и ќе им отвора нови можности за професионален развој.
„Платформата има за цел да открива и промовира нови лица, да ја поттикнува самодовербата и да им овозможи на младите модели да ги покажат своите способности, да стекнат искуство и да направат чекор кон европската и меѓународната модна сцена. Притоа, поврзува таленти, култури и креативни визии од различни земји“, истакна Шалева.
Покрај моделингот, значајно место во програмата добија и домашните и регионалните модни автори. Свои колекции претставија Стефанија Насеска, Евгенија Зафировска, Тим Понграц, Александар Префо Рашковиќ, Акикас и Чани Марија, внесувајќи различни естетики и креативни пристапи на сцената.
Еден од посебните моменти беше официјалното претставување на брендот „Ар ју кул“ (A e U Kul) на Фросина Кулакова. Преку брендот, нејзиното семејство продолжува да ја чува и развива нејзината креативна визија и модниот сон, давајќи му нов простор за изразување.
Модата и визуелната уметност се испреплетоа и преку „Асфиксија – перформативна изложба“, уметничка изведба на сликарот Драган Божино. Со оваа презентација беше покажано како моделингот и уметноста можат да се надополнуваат и да создадат заеднички сценски израз.
Со одржувањето на балканското полуфинале, Скопје се вклучи во меѓународната приказна на „Топ модел Европа“, ставајќи го во преден план потенцијалот на регионот во модата, моделингот и креативните индустрии. Настанот отвори простор за афирмација на младите таленти, размена на идеи и поврзување со пошироката европска модна сцена.
За Лина Настевска и Драган Николов, следниот чекор е големото финале во Белград, Србија, на 6 декември 2026 година, каде што ќе имаат можност да се претстават на меѓународната модна сцена.
Фото: Ајса Ѓорѓиовски / @go giovski_photog aphy и INAMI Studio


















