Американските разузнавачки служби проценуваат дека Иран значително ги интензивирал подготовките за напади врз американски дипломати и функционери на Блискиот Исток, но и надвор од регионот. Според меморандум испратен до американскиот државен секретар Марко Рубио, плановите за смртоносни напади се во „напредна фаза“, објави „Аксиос“.
Поради зголемените безбедносни ризици, Стејт департментот ја намалува бројноста на персоналот во неколку американски дипломатски претставништва на Блискиот Исток, стравувајќи од натамошно проширување на регионалниот конфликт.
Американските претставници се загрижени и дека јеменските Хути, кои имаат поддршка од Иран, би можеле да ги прошират нападите надвор од Саудиска Арабија и да погодат други земји во регионот.
Дополнителна неизвесност создава можноста за нови американски и израелски воени операции против Иран по претстојните избори за Конгресот во САД.
Претседателот Доналд Трамп вчера, на митинг во Флорида, навести дека Вашингтон би можел повторно да изведе воена операција против Иран доколку не биде постигнат договор.
„Можеби ќе изведеме уште една мала операција ‘Епски бес’ или тие ќе се согласат на договор“, изјави Трамп, додавајќи дека се сомнева оти Техеран ќе прифати такво решение.
Во едностраничниот меморандум, директорот на националното разузнавање Џеј Клејтон го предупредил Рубио дека информациите за иранските планови за атентати треба да бидат споделени со поширок круг американски службеници, надвор од вообичаените протоколи.
Во документот не се наведуваат конкретни цели, земји надвор од Блискиот Исток или детали за планираните напади. Сепак, се посочува дека клучните информации веќе им биле доставени на високи претставници на Стејт департментот.
Клејтон понудил да се декласифицираат што е можно повеќе чувствителни информации, за Рубио да може да ги сподели со персоналот кој би можел да биде изложен на ризик.
Стејт департментот претходно неделава им наредил на членовите на семејствата на дипломатите и на персоналот чие присуство не е неопходно да го напуштат американската амбасада во Ријад, како и конзулатите во Џеда и Дахран.
Мерката вчера била проширена и на американските амбасади во Обединетите Арапски Емирати, Либан, Катар и Јордан.
„Одлучивме да го намалиме нашето присуство и да го задржиме само неопходниот персонал поради заканата од напади на Хутите и иранските терористички планови“, изјавил американски функционер за „Аксиос“.
Се очекува безбедносните процени да имаат значајна улога во понатамошните одлуки на Вашингтон за присуството на американскиот дипломатски персонал во регионот.



















