Пет децении музика. Пет децении песни што останаа дел од животите на генерации. На 28 декември 2026 година, легендарната Галија доаѓа во Скопје, каде во Македонска филхармонија ќе одржи голем јубилеен концерт по повод 50 години постоење.

Скопје ќе биде дел од големото јубилејно патување на еден од најзначајните рок-бендови на овие простори, бенд чија музика одамна ги надмина границите на времето, трендовите и генерациите.

„Галија – 50 години со вас“ е враќање низ пет децении музичка историја, низ песни со кои се растеше, се сакаше, се славеше и се паметеа некои од најважните моменти. Песни кои и денес се пеат со истата емоција и кои создадоа посебна врска меѓу Галија и нејзината публика.

На 28 декември, сцената на Македонската филхармонија ќе биде место каде минатото и сегашноста ќе се сретнат во една вечер. Публиката ќе има можност повторно во живо да ги слушне песните кои ја обележаа богатата кариера на бендот, но и да биде дел од прославата на јубилеј што ретко кој музички состав може да го достигне – половина век на сцената.

Во текот на своето долгогодишно постоење, Галија изгради препознатлив музички идентитет и остави силен белег на рок-сцената во регионот. Нивната музика остана присутна низ различни времиња и генерации, а токму јубилејната турнеја е посветена на сите оние кои во изминатите 50 години биле дел од таа приказна.

Затоа и името на концертот е едноставно и искрено – „50 години со вас“.

На самиот крај на годината, Скопје ќе добие вечер посветена на музиката што трае. Вечер за оние кои се со Галија од самиот почеток, за генерациите кои подоцна ја откриваа нивната музика, но и за сите што веруваат дека добрата песна нема рок на траење.