Со изложбата „Сцени од ателјето“ на Ивана Настеска и концертот на „Дуо Скупи“, македонскиот КИЦ во Загреб приреди вечер исполнета со уметност, со силна синергија на впечатливиот музички и ликовен израз.
На почетокот на настанот, пред бројните вљубеници во уметноста, се обратија македонскиот амбасадор во Хрватска, Н.Е. Драган Ѓурчевски, директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, како и авторката на изложбата, Ивана Настеска и членовите на Дуо Скупи, Јета Старова Мехмети и Ермаљ Мехмети.
Во своето обраќање, амбасадорот Драган Ѓурчевски ја истакна важноста на културната дипломатија за зајакнување на пријателските односи и продлабочување на соработката меѓу двете земји, нагласувајќи ја улогата на културата во поврзувањето и афирмацијата на националните културни вредности.
Директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска претставувајќи ги уметниците и нивното творештво се осврна на изложбата „Сцени од ателјето“, истакнувајќи дека „преку специфичната чувствителност на акварелот, неговата непредвидливост и слободата што ја нуди, Ивана Настеска успева да го претвори секојдневното во уметничко доживување и да нè потсети дека убавината често се крие во деталите што ги забележуваме само кога ќе застанеме и навистина ќе погледнеме“. Исто така, во своето обраќање, таа ја потенцираше творечката вредност на „Дуо Скупи“ кои преку истражувањето на звучните можности на флејтата и виолината и долгогодишната заедничка работа градат препознатлив камерно-музички израз.
На отварањето на изложбата Ивана Настеска истакна дека: „ателјето не е само простор во кој се создава уметност, туку и место на тишина, набљудување и разговор со бојата. Токму во таа внимателна средба меѓу уметникот и светот околу него се раѓаат сцените што ги претставувам“.
По отварањето на изложбата посебна атмосфера на вечерта донесе концертот на „Дуо Скупи“, во кој беа поврзани класичната традиција, современото
творештво и богатството на македонската и балканската музичка традиција. Внимателно осмислениот репертоар што ги поврзува различните музички епохи и стилови, виртуозната изведба, професионалност, стилска зрелост и длабоко разбирање на камерното музицирање беа наградени со долготрајни аплаузи и бис од публиката.
Настанот се реализираше како дел од годишната програма на македонскиот културно-информативен центар во Загреб, со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.



















