Осамен ѕидар ја потрошил својата животна заштеда за да помине повеќе од 2.000 километри и да запознае жена за која верувал дека е љубовта на неговиот живот.
Меѓутоа, наместо средбата за која сонувал, го дочекало болно сознание – жената во која се вљубил преку интернет всушност била креација на вештачка интелигенција (ВИ).
Едимар Роша Мартинс (49) верувал дека ја пронашол љубовта гледајќи видеоснимки од привлечна русокоса која му „ветувала нов живот на својата фарма“. Таа се претставувала како Џесика Оливеира, а била позната и под името Џесика Фазендеира.
На објавените видеоснимки прикажувала живот на село и ги повикувала мажите да дојдат и да живеат со неа, пренесуваат „Дејли стар“ и „Телеграф“.
Нејзиниот профил на социјалните мрежи привлекол повеќе од 300.000 следбеници. Странските медиуми пренесуваат дека Џесика, наводно, „му ветила на Едимар дека ќе му ги плати патните трошоци и финансиски ќе го издржува кога ќе бидат заедно“.
За човек кој минувал низ тежок животен период, таквото ветување претставувало „надеж за нов почеток“. По смртта на неговата мајка, Едимар, како што раскажал, се чувствувал сè поосамено и сакал да пронајде некого со кого би можел да го сподели животот.
„Дојдов во потрага по среќа“, рекол тој, објаснувајќи дека се надевал оти ќе пронајде блискост и друштво по тешкиот период.
Верувајќи дека на одредиштето го чека жената со која ќе започне „нов живот“, Едимар во петокот, на 9 октомври, тргнал со автобус од Императриз, град во северниот дел на Бразил. По повеќе од 36 часа патување, во неделата, на 11 октомври, пристигнал во Бело Хоризонте, оддалечен околу 2.100 километри по пат.
Lo ely b icklaye mou i g his mothe ’s death t avels 1,300 miles to meet his d eam woma o ly to discove she is a AI bot https://t.co/Q4t3XY 7Ww
— Daily Mail (@DailyMail) Octobe 14, 2026
Едимар почнал да ја обиколува околината, покажувајќи им на луѓето фотографии од жената што сакал да ја пронајде и прашувајќи дали некој ја препознава. Никој не знаел за кого станува збор. Наскоро ја открил вистината што му ги урнала надежите – жената од видеоснимките не постоела, а содржините што ги гледал биле генерирани со помош на вештачка интелигенција.
„Веќе ја обиколував околината со неколку фотографии, им ги покажував на луѓето и ги прашував дали ја познаваат таа личност. Сите одговараа дека не ја познаваат, па се почувствував измамен“, раскажал Едимар.
Тој не криел дека осаменоста одиграла голема улога во тоа што поверувал дека неговата врска со жената од интернет е вистинска.
„Понекогаш осаменоста дома може да предизвика многу проблеми во животот на човекот“, рекол тој.
Жената што ја сметал за своја идна партнерка, наводно, му ветувала заеднички живот на фарма.„Ќе живееш со мене овде на фармата“, му велела таа, според неговото сведоштво.„Кога ќе се вратам…“
Верувајќи во тие ветувања, Едимар ги потрошил парите што долго време ги штедел. Кога сфатил дека е измамен, му останале многу малку средства за продолжување на патувањето и за секојдневните потреби.
Откако се нашол во тешка ситуација во Бело Хоризонте, Едимар се обратил до градската служба што им обезбедува поддршка на мигрантите. Таму добил храна, можност да се истушира и совети како да препознава измами на интернет.
Надлежните служби му помогнале и да обезбеди автобуска карта за да може да го напушти градот.
Во вторникот, на 13 октомври, тргнал на пат, но наместо да се врати во Императриз, одлучил да замине во сојузната држава Токантинс, каде што е роден.Иако не ја исклучил можноста еден ден повторно да се врати во Бело Хоризонте, нагласил дека тогаш сè ќе биде поинаку.„Кога ќе се вратам, тоа ќе биде на поинаков начин“, рекол тој.



















