Во сабота, 17 октомври, во 14 часот во Монтажна галерија, Скопје ќе биде отворена изложба на Владимир Муратовски Диво, „Со почит“.

„Владимир ни е другар. Можеби сега во поинаква форма, но и понатаму е присутен со своите чекори, тонови, букви и линии. Изложбата ја почнавме заедно, а тој ја заврши со својот последен цртеж, автопортрет. Неговото заминување го смени и нејзиното значење. На моменти се прашувавме дали има смисла да продолжиме. Со текот на времето, самиот процес се претвори во начин да се соочиме со загубата и повторно да бидеме со него низ работите што ги остави зад себе.“

„Со почит“ отвора мал дел од архивата на Владимир Муратовски Диво (1969 – 2026).. Фрагменти од цртежи, музика, текстови, изданија и други траги од неговата долгогодишна работа се собираат и поврзуваат, отворајќи простор за нивно повторно гледање, слушање, читање и доживување. Поезијата, музиката и цртежот кај Диво се различни форми на еден ист импулс, препознатлив по минимализмот, повторувањето, директноста и специфичниот хумор. Изложбата произлегува од неговата долгогодишна поврзаност со Партизанска штампа, Стотројка и скопската културна сцена.

Во рамките на изложбата ќе биде промовирана уметничка книга во сито-печат, посветена на неговите цртежи „карикатури“, а ќе биде претставена и компилацијата „Elekt o Kultu a – Va ious Ast o auts“, достапна на CD и касета, со 15 верзии на песната „Астронаут“ од локални и странски музичари.

„’Со почит’ не е само наслов, туку и начинот на кој пристапуваме кон неговото дело. Не се обидуваме да направиме конечен портрет на Владимир Муратовски Диво, туку да ја отвориме неговата архива како процес на откривање, сеќавање и истражување. Можеби немаме доволно зборови да ја опишеме празнината што ја чувствуваме поради неговото отсуство, но тој ни остави премногу страст и ентузијазам. Нема каде да бегаме. Продолжуваме да чуваме и создаваме“ – Стотројка, Партизанска штампа, 5060.

Изложбата се реализира со финансиска поддршка од Центарот за современи уметности – Скопје, Министерството за култура и туризам на РСМ и Општина Центар.