Чоколадната основа и кремастиот фил од кокос му даваат на овој ролат впечатлив изглед и вкус – целото семејство ќе го обожава.

Ако барате рецепт за брз десерт што не се пече, ролатот со кокос е одличен избор. Не само што не бара печење, туку и се подготвува со малку состојки и за многу кратко време.

Состојки за темниот слој:

  • 200 г мелени бисквити
  • 2 лажици какао во прав
  • 100 г шеќер во прав
  • 1 кесичка ванилин шеќер
  • 100 мл топло млеко
  • 100 г путер
  • 1 лажица рум (по желба)

Состојки за белиот слој:

  • 150 г кокосови трошки (кокосово брашно)
  • 100 г шеќер во прав
  • 100 г путер (на собна температура)
  • 3 лажици млеко

Подготовка:
Во голем сад измешајте ги мелените бисквити, какаото, шеќерот во прав и ванилиниот шеќер. Додајте ги путерот и топлото млеко, па сè добро измешајте додека не добиете хомогена смеса. По желба, додајте една лажица рум.

Ставете ја смесата врз лист хартија за печење и расукајте ја во форма на правоаголник со дебелина од околу половина сантиметар. За полесно обликување, можете да ја покриете смесата со уште еден лист хартија за печење и рамномерно да ја расукате.

За да го подготвите филот од кокос, измешајте ги кокосовите трошки, шеќерот во прав и путерот (омекнат на собна температура). Додајте го млекото и мешајте додека не добиете кремаста смеса погодна за премачкување.

Рамномерно премачкајте го кремот од кокос врз темната основа. Потоа, со помош на хартијата за печење, внимателно свиткајте ја смесата во стегнат ролат.

Завиткајте го ролатот во проѕирна фолија и оставете го во фрижидер најмалку еден час за да се стегне. Откако ќе се излади, исечете го на парчиња и послужете.

Текстот Брз рецепт за ролат со чоколадо и кокос без печење – готов за 20 минути е превземен од МАКФАКС.