Ина го има главниот збор во првата книга за деца на Весна Мојсова-Чепишевска. Во печат е „ИНА“, со илустрации на Иванка НиБа, во издание на „Светулка“. Со ова дело, истакнатата универзитетска професорка и книжевна критичарка прави значаен авторски исчекор: својата долгогодишна посветеност на книжевноста за деца ја преточува во приказна што отвора важни прашања за прифаќањето, достоинството и правото на сопствен глас.

Посебноста на „ИНА“ е во смелоста светот да се погледне однатре, низ нејзиното искуство. Ина самата раскажува, прашува, се радува, се плаши и му дава смисла на она што го доживува. Нејзиниот лик се гради со хумор, фантазија, ранливост и решителност. Таа има свој однос кон семејството, училиштето и другарството, свои желби и сопствен начин да ја препознае туѓата болка. Токму оваа полнота на детскиот свет ѝ ја дава на книгата нејзината книжевна и човечка сила.

Доверувајќи ѝ го раскажувањето на Ина, Мојсова-Чепишевска создава непосредна блискост меѓу неа и читателот. За децата што во книгите го бараат и сопственото искуство, таа носи можност за препознавање. За оние што допрва ќе се сретнат со свет сличен на нејзиниот, Ина е нова другарка и покана за откривање. За возрасните, нејзиниот глас е повик да ги преиспитаат сопствените очекувања од детето.

Дневничката форма, која ја опфаќа првата училишна недела на Ина, му дава непосредност на едно суштинско прашање: колку сме подготвени да му овозможиме на секое дете вистински да припаѓа? Преку книжевно обликуваното искуство на Ина, прифаќањето добива конкретни човечки димензии: трпение, поддршка, блискост и слобода да се учи со сопствен ритам. Книгата отвора простор за разговор во семејството и во училницата, со почит кон чувствата и на децата и на возрасните.

„За децата, Ина може да стане другарка. За возрасните, таа е проверка на начинот на кој гледаме и слушаме“, истакнува Иван Антоновски во својот критички осврт. Тој ја препознава вредноста на делото во убедливиот детски глас, промислената композиција и сликите што раскажуваат заедно со зборовите.

Илустрациите на Иванка НиБа го развиваат емотивниот свет на книгата со препознатлив визуелен израз. Особеноста на изданието ја заокружуваат страниците оставени за читателот да го продолжи дневникот преку пишување, цртање и колаж. Така, средбата со Ина прераснува во можност и самото дете да ги изрази своите чувства и да остави сопствена трага во книгата.

По „Клуч во клучалката на детството“ и „Од Црвенкапа до Џинџуџе“, Мојсова-Чепишевска отвора ново творечко поглавје со дело во кое се среќаваат нејзиното знаење за книжевноста за деца и чувствителноста за приказните што заслужуваат да бидат раскажани. „ИНА“ го носи возбудувањето на една прва книга и силата на приказна што нè засега сите.

„Јас светам поинаку. Не многу силно, ама топло“, вели Ина.

Текстот Доаѓа „ИНА“: Весна Мојсова-Чепишевска со прва книга за деца и хероина што го менува погледот е превземен од МАКФАКС.