Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ѝ вети на Русија „непоколеблива поддршка“ во честитката по повод роденденот на рускиот претседател Владимир Путин, кој денес полни 74 години.
Пораката беше објавена од севернокорејската државна новинска агенција KCNA.
„Мило ми е што имам добро пријателство со Вас и што отвораме ново поглавје во развојот на односите меѓу нашите две земји“, му напиша Ким на Путин.
Тој изјави дека зајакнувањето на „сеопфатното стратешко партнерство и сојузништво“ со Русија ќе остане цврста политика на Северна Кореја и вети континуирана поддршка за Путин и за Руската Федерација.
Ким изрази уверување дека руската „света војна за правда“ ќе заврши со победа. Ројтерс забележува дека тој не ја спомнал директно Украина во самата порака, но Пјонгјанг претходно го користел истиот израз кога ја оправдувал својата воена поддршка за руската војна.
Северна Кореја испрати илјадници војници во Русија
Во последниве години, односите меѓу Москва и Пјонгјанг еволуираа од политичка поддршка во директна воена соработка.
Во јуни 2024 година, Путин и Ким потпишаа договор за сеопфатно стратешко партнерство. Во него се наведува дека едната земја ќе ѝ пружи воена и друга помош на другата „без одлагање“ доколку биде нападната.
Потоа, Северна Кореја испрати илјадници војници во Русија, првенствено во регионот Курск, каде што учествуваа во борби против украинските сили.























