Двајца австриски јутјубери објавија видео за кое тврдат дека го прикажува нивното неовластено влегување во воениот аеродром „Полковник-пилот Миленко Павловиќ“ во Батајница, во близина на Белград. На снимката се гледа како се качуваат на воени авиони и слободно се движат низ комплексот.
Видеото, објавено на каналот „Руфлес ТВ“, за неколку дена собра повеќе од половина милион прегледи. Авторите наведуваат дека дел од снимката е направен во Казахстан, по што дејството се префрла во Србија, пренесе „Индекс“.
На видеото се гледаат двајцата млади мажи кои најпрво ги снимаат авионите од надворешната страна на оградата, а потоа и како се движат во самиот воен објект.
Тие разгледувале летала кои очигледно веќе не се користат, влегувале во некои од нив и ги снимале. Во еден момент снимиле и слетување на авион.
Од објавениот материјал произлегува дека за време на нивниот престој во заштитениот простор не сретнале ниту еден вработен. Засега не е познато како успеале да влезат во просторот на воениот аеродром.
Авторите на каналот „се двајца млади мажи од Виена кои се опишуваат како истражувачи на скриени локации.
Каналот е познат по таканаречени „urbex“ истражувања на напуштени и забранети места, како и по паркур-потфати.
Министерството за одбрана на Србија и полицијата засега не го коментирале случајот, пишува „Нова.рс“.
Воениот аеродром Батајница се наоѓа на дваесетина километри од Белград. Изграден е меѓу 1947 и 1951 година, а денес таму е сместена 204. воздухопловна бригада на Военото воздухопловство и противвоздушната одбрана на Војската на Србија.
Фото: Screenshot: YouTube
Текстот (Видео) Австриски јутјубери влегле на воен аеродром во Србија и се качувале по авиони е превземен од МАКФАКС.























