Два распродадени концерти на американскиот рапер Канје Вест – кој сега настапува под името Је (Ye) – во Русија се откажани по неколкунеделна неизвесност.

Раперот требаше да настапи на 10 и 11 октомври во „Газпром Арена“ во Санкт Петербург. Организаторот, агенцијата „Say Agency“ со седиште во Москва, во четвртокот преку „Телеграм“ ја потврди веста за откажувањето.

„Пријатели, со искрено жалење ве известуваме дека концертите на Је во Санкт Петербург нема да можат да се одржат во планираните термини“, соопштија од агенцијата.

„Наскоро ќе објавиме официјално соопштение со повеќе информации за следните чекори и нашите идни планови. ’Say Agency‘ е неизмерно благодарна на сите што застанаа зад нас, нè поддржаа и – исто како и ние – со нетрпение и од се срце ги очекуваа овие концерти.“

Од агенцијата додадоа дека враќањето на парите за билетите ќе биде возможно од понеделник, 12 октомври, а деталите за постапката за рефундирање ќе бидат објавени дополнително.

Откажувањето уследи по неколку недели неизвесност околу тоа дали концертите воопшто ќе се одржат. „Газпром Арена“ првично со ентузијазам ги најави настапите на социјалните мрежи, нарекувајќи го Је „највлијателниот музичар на нашето време“.

Сепак, во август – откако билетите веќе беа распродадени – управата на арената соопшти дека не потпишала договор за изнајмување на стадионот со организаторите и дека, следствено на тоа, концертите не можат да се одржат таму. Управата нагласи дека тие „не биле и не се“ одговорни за организирањето на настапите на Је и потврди дека примиле поплаки во врска со најавените концерти.

Планираните настапи предизвикаа и остри политички реакции во Русија. Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, ги оцени како неприфатливи поради тоа што Је го „велича“ Адолф Хитлер.

Политичарот Николај Новичков побара да се спроведе истрага против музичарот поради неговите изјави во врска со Хитлер. Тој изјави дека концертите треба да се откажат доколку Је јавно не изрази „морална поддршка за Русија и за специјалната воена операција“ – термин што руските власти официјално го користат за војната во Украина.

Је претходно имаше продавано маици со свастики и објавено песна со наслов „Heil Hitler“. Во јануари, тој купи оглас на цела страница во весникот „Wall Street Journal“ за да објави извинување со наслов „До оние што ги повредив“.

„Јас не сум нацист ниту антисемит. Го сакам еврејскиот народ“, напиша тој. Раперот исто така изјави дека неговото биполарно растројство довело до „четиримесечна манична епизода на психотично, параноично и импулсивно однесување што му го уништило животот“.

Текстот Откажани два распродадени концерти на Канје Вест во Русија е превземен од МАКФАКС.