Во Вила Водно, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова разговараше со студенти од Колеџот на Европа во Тирана, кои престојуваат во земјава, во рамките на студиска посета посветена на влијанието на европската интеграција врз трансформацијата на земјите од Западен Балкан.

Таа ја поздрави образовната програма и истакна дека студентите, како идни европски професионалци и лидери, со своето знаење и критичко размислување можат да придонесат кон мирот, безбедноста и солидарноста на европските народи и граѓани.

За неа, сестраната регионална соработка и меѓусебната подршка на патот кон ЕУ имаат исклучително значење не само за нашите меѓусебни односи, туку и за оние на членките на ЕУ кон нас.

Студентите се интересираа за уставните надлежности на претседателот во внатрешната и надворешната политика, како и за неговата реална улога во евроинтеграцијата.

Тие ѝ поставија на Сиљановска-Давкова прашања врзани за: последиците од (не)спроведувањето на одлуките на Европскиот суд за човекови права во Стразбур врз кредибилитетот на европските институции; македонската европската перспектива и можностите за интеграција во амбиент на постојната блокада; придобивките од членството во ЕУ, како за македонската држава, така и за Унијата, како и за ставот на претседателката за етапната интеграција на Западен Балкан во ЕУ.

Претседателката смета дека проширувањето треба да биде засновано врз исполнување на Копенхашките критериуми.

Исто така, верува дека постепената интеграција може да донесе конкретни придобивки уште пред полноправното членство, но дека не смее да биде негова замена.

Сиљановска-Давкова потсети дека органите на ЕУ не смеат да заборават на принципите и вредностите, содржани во конститутивните документи, без коишто ЕУ не може да биде заедница, туку само политичка и бирократска машинерија.

Сиљановска-Давкова истакна дека, како претседателка со директен и силен изборен легитимитет има обврска да ги претставува сите граѓани и затоа инсистира на дијалог и консензус за прашањата од национален интерес.

На крајот, студентите ѝ се заблагодарија на претседателката за дијалогот и ја поканија да го посети Колеџот на Европа во Тирана.

Текстот Сиљановска-Давкова со студенти од Колеџот на Европа: Дијалог за европската интеграција и иднината на регионот е превземен од МАКФАКС.