Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска телефонски разговарал околу еден час со рускиот претседател Владимир Путин, при што во фокусот биле енергетската соработка и гасниот аранжман меѓу двете земји, кој истекува на 30 септември. Вучиќ изјави дека очекува аранжманот да биде продолжен под непроменети услови и дека Србија и натаму ќе има стабилно снабдување со гас.

Според Вучиќ, Србија би продолжила да плаќа околу 318 евра за 1.000 кубни метри гас, додека тој наведе дека актуелната пазарна цена е околу 868 евра за 1.000 кубни метри. Тој додаде дека продолжувањето би обезбедило и флексибилност и доволни количини за потребите на земјата.

Во разговорот со Путин било разговарано и за состојбата во Нафтената индустрија на Србија, билатералните односи, учеството на Руските железници во проекти во Србија, како и за војната во Украина.

„Разговаравме и за Нафтената индустрија на Србија, каде што проблемот е посложен, но разменивме мислења. Се допревме и до други важни прашања“, изјави Вучиќ.

Тој му се заблагодарил на Путин и за руската помош при гаснењето на пожарите во Србија, при што, како што наведе, бил ангажиран и авион „Иљушин“ со руски екипаж.

Вучиќ претходно во Њујорк разговараше и со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за гасниот аранжман и изрази надеж дека нов договор со Русија ќе биде потпишан до крајот на септември.

По разговорот со Путин, Вучиќ потврди и дека рускиот претседател директно го информирал оти утре, 27 септември, ќе поднесе оставка од функцијата претседател на Србија. Оставката претходно ја најави за недела навечер, околу 20 часот.

„На крајот, во име на Република Србија и во свое лично име, му се заблагодарив на Руската Федерација и на претседателот Путин за соработката во изминатите 14 години и го известив дека утре поднесувам оставка“, изјави Вучиќ.

Текстот Вучиќ: Го известив Путин дека утре поднесувам оставка е превземен од МАКФАКС.