Француските антитерористички истражители уапсија 35-годишен полицаец во предградие на Париз под сомнение дека подготвувал терористички напад и незаконски изработувал оружје за таа цел, соопшти париското Антитерористичко обвинителство.

Полицаецот, чиј идентитет не е објавен, е ставен во притвор. Француските медиуми, меѓу кои и ТФ1, објавија дека тој бил поврзан со крајнодесничарски кругови и дека постои сомнение оти планирал насилни напади врз државни институции, а потенцијално и врз полицајци.

Истражителите се сомневаат дека користел 3Д-печатач за изработка на оружје. При претрес на неговиот автомобил и дом биле пронајдени делови од оружје.

Случајот следува по друг скандал во општинската полиција во Каркасон, каде случајно активирана камера на униформата на полицаец снимила разговори со расистички, сексистички и хомофобични коментари, како и изјави поврзани со теории на заговор. Обвинителството отвори истрага.

©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.