Вечерва во Културниот Центар Белград, во 18 часот, Македонскиот КИЦ со поддршка на Министерството за култура и туризам, организира Рецитал за флејта со Фјола Рамадани, со пијано придружба на Јасна Аврамовска. Настанот ќе го отворат директорот на КИЦ во Белград Васко Шутаров и уредничката на музичката програма на Културниот Центар Белград Дамјана Његиќ. На програмата ќе бидат изведени дела од Пјер Санкан, Шарл-Мари Видор, Франц Шуберт, како и музичкото дело „Инвенција Сиринкс“ од нашиот композитор Томислав Зографски.

Флејтистката Фјола Рамадани (Скопје-2003 г.) дипломирала на Универзитетот за музика и уметност во Анкара во класата на професорите Х. Х. Тургај и О. Учар. Се усовршувала на магистерски курсеви во Париз и Истанбул. Освоила бројни награди на меѓународни натпревари, вклучувајќи го првото место на Меѓународниот натпревар по камерна музика КМК во Кавадарци, второто место на Меѓународниот натпревар „АрсКосова“ во Приштина, третото место на Меѓународниот фестивал на полихимни во Скопјe и третото место на Меѓународниот студентски натпревар во Анкара. Настапувала во Скопјe, Анкара, Асос, Истанбул и Загреб.

Пијанистката Јасна Аврамовска дипломирала во класата на проф. Снежана Анастасова-Чадиковска и проф. Тодор Светиев на Факултетот за музичка уметност во Скопјe. Магистрирала на Музичката академија „Панчо Владигеров“ во Бугарија во класата на проф. Жени Захариева. Настапувала како солист со домашни и странски оркестри и како член на ансамбли во неколку европски земји, Турција и Соединетите Американски Држави. Добитничка е на признанието од Истанбулската филхармонија со статус на почесен уметник од Македонија. Вработена е во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ како наставник по пијано и како уметнички соработник на Факултетот за музичка уметност. Таа е член на Здружението на музички уметници и музички педагози на Македонија.

Текстот Концерт на флејтистката Фјола Рамадани и пијанистката Јасна Аврамовска во Белград е превземен од МАКФАКС.