Главниот осомничен во истрагата за исчезнувањето на Медлин Мекен тврди дека ноќта кога исчезнала бил на околу 140 метри од апартманот во кој тригодишното девојче престојувало со семејството во португалското летувалиште Праја да Луз, јавува британски „Телеграф“.

Кристијан Брикнер, осудуван за силување и сексуална злоупотреба на деца, изјавил дека продавал дрога на плажа во близина на местото каде што престојувало семејството Мекен и раскажал како набрзина се обидел да го напушти летувалиштето откако полицијата почнала да трага по девојчето.

Германските истражители се сомневаат дека Брикнер ја киднапирал и убил тригодишната Медлин во 2007 година, додека нејзините родители, Гери и Кејт Мекен, вечерале со пријатели на околу 90 метри од апартманот.

„Бев на плажата, недалеку од хотелот на Меди, и продавав дрога“, изјавил Брикнер за „Мејл од Сандеј“.

„Бев во Шпанија и прошверцував марихуана во Португалија. Полицијата дури трипати ме запре на улица во Праја да Луз додека ја бараа Меди.“

„За среќа, не ја пронајдоа дрогата. Комбето ми беше полно со неа. Се обидував што побрзо да заминам, насекаде имаше сини ротациски светла и контролни пунктови. Само си помислив: ‘Да бегам одовде’“, раскажал тој.

Медлин Мекен исчезна во 2007 година, а Брикнер во тоа време се наоѓал во близина на апартманот во кој престојувало нејзиното семејство.

Германското обвинителство во 2020 година го означи Брикнер како главен осомничен во случајот, наведувајќи дека располага со „конкретни докази“ против него, но не и со доволно докази за да обезбеди осудителна пресуда.

Мобилен телефон регистриран на негово име бил лоциран во близина на сместувањето на семејството Мекен вечерта кога Медлин исчезнала.

Брикнер досега молчеше за тоа каде се наоѓал ноќта кога исчезна девојчето.

Германецот негира каква било вмешаност во исчезнувањето и тврди дека досега молчел бидејќи „полицијата сака да ми го намести случајот со Меди“.

Брикнер беше ослободен од затвор во септември минатата година, откако отслужи шестгодишна затворска казна за силување на 72-годишна американска туристка.

Тој има две пресуди за силување, а бил осудуван и за кражба, трговија со дрога, напад и сексуална злоупотреба на деца.

Според британските медиуми, Брикнер планира да објави мемоари на германски и на англиски јазик. Наводно, на пријателите им кажал дека верува оти книгата би можела да му донесе седумцифрена заработка, иако се проценува дека реалната сума би била значително помала.

Детективите од лондонската Метрополитен полиција се обидуваат Брикнер да биде екстрадиран во Велика Британија во врска со случајот.

Според „Телеграф“, специјализиран тим продолжува тесно да соработува со полициските колеги во Германија и Португалија.

„Ќе продолжиме да ја истражуваме секоја одржлива трага“, изјавил портпарол на Метрополитен полицијата.

Брикнер, пак, повторно негира дека има каква било врска со исчезнувањето на Медлин.

„Немам никаква врска со исчезнувањето на девојчето. Би бил среќен ако Меди се појави утре, бидејќи тогаш сите веднаш би сфатиле дека сè против мене  било наместено. Но, тоа веројатно нема да се случи, па јас останувам главниот осомничен“, изјавил Брикнер за „Мејл он Сандеј“.