Познатиот музичар Ринго Стар, тапанарот на „Битлси“, емотивно изјави дека верува оти култната група повторно би се обединила доколку Џон Ленон и Џорџ Харисон не починеле.

„Мислам дека веројатно во некој момент повторно ќе се соберевме, од заминувањето на Џон до денес, доколку сè уште бевме сите тука. А Џорџ… Ми недостига Џорџ“, изјави тој за „Пејџ сикс“.

Џон Ленон почина во 1980 година, откако беше застрелан пред својот дом во Њујорк. Имаше 40 години. Харисон почина од рак во 2001 година, на 58-годишна возраст.

Стар изјави дека, кога станува збор за „Битлси“, најмногу му недостигаат „пријателството, заедништвото и меѓусебната поддршка“.

„Имав тројца браќа. А знаете, браќата се караат, па повторно малку се дружат, па повторно малку се разделуваат. За мене тоа беше прекрасно. Музички, тоа беше динамит, а сè уште е. Знаете, можноста да ја свирам таа музика. А сето тоа се случи за осум години“, рече Ринго, кој и натаму е во близок контакт со својот поранешен колега Пол Макартни.

Тој откри дека со Макартни разговара неколкупати месечно.

„Ако тој е во Англија, а ние одиме во Англија, главно за да го посетиме семејството, ќе одиме на вечера или ќе се дружиме. Значи, неколкупати месечно“, изјави Стар.

Тој додаде дека учествувал и на последниот албум на Макартни, како и дека Макартни учествувал на многу негови албуми.

Стар се осврна и на веста дека режисерот Сем Мендес работи на четири биографски филма, по еден посветен на секој член на „Битлси“. Џон Ленон ќе го глуми Харис Дикинсон, Пол Макартни ќе го игра Пол Мескал, Џозеф Квин ќе биде Џорџ Харисон, додека улогата на Ринго Стар му припадна на Бери Киоган. Сите четири филма треба да бидат објавени истовремено во 2028 година.

„Мислам дека тоа е навистина неверојатно. Проблемот беше што тој ја поврзуваше оваа приказна со онаа приказна. А Пол и јас мораме да се ослободиме од тоа. Ова не е документарец… Тоа е приказна составена од четири приказни. Знаете, по една за секој од нас, но, се разбира, понекогаш сите ќе се појавуваме заедно. Затоа едноставно рековме: ‘Во ред, тоа е филм‘“, истакна Стар.

Ринго Стар претходно оваа година го објави својот 22. соло-албум „Long Long Road“, а моментално е на турнеја со својот бенд All Starr.

На прашањето зошто и на 86-годишна возраст продолжува да оди на турнеи, Ринго одговори:

„Не знам. Едноставно сум во доволно добра форма за да го правам тоа. Понекогаш си велам: ‘Ох, доста е‘. А потоа, една недела подоцна, велам: ‘Не, не е‘“, рече Стар.

Текстот Ринго Стар: „Битлси“ веројатно повторно ќе се обединеа доколку Џон и Џорџ беа живи е превземен од МАКФАКС.