Францускиот претседател Емануел Макрон пристигна на Свети Пјер и Микелон, мал француски архипелаг во близина на канадскиот брег, каде денеска ќе го пречека канадскиот премиер Марк Карни.
Посетата доаѓа во време на заострени односи меѓу Канада и американскиот претседател Доналд Трамп, кој на почетокот на месецот објави карта на која цела Северна Америка, вклучително и францускиот архипелаг, беше прикажана во боите на американското знаме.
Макрон веднаш по пристигнувањето одговори на објавата на Трамп.
„Ова е француска територија и е приврзана кон Франција. Нема секое утро да го потврдуваме тоа само затоа што некои луѓе имаат чудни идеи или кажуваат чудни работи“, рече Макрон.
Свети Пјер и Микелон е француска прекуморска заедница со околу 5.800 жители, на околу 25 километри од Њуфаундленд, и е единствената преостаната француска територија во Северна Америка.
Карни денеска ќе стане првиот канадски премиер што го посетил архипелагот. Тој и Макрон ќе разговараат за соработка во енергетиката, одбраната, критичните минерали, воздухопловството, сателитските технологии и вештачката интелигенција, а се очекува да ја нагласат и важноста на државниот суверенитет и почитувањето на меѓународните граници.
Трамп и претходно повеќепати зборуваше за Канада како можна 51. американска сојузна држава, а неодамна објави карта на која со американското знаме беа означени Канада, Гренланд и Свети Пјер и Микелон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.























