Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран сака да постигне договор со Соединетите Американски Држави, додека истовремено ја разгледува можноста за нови големи воени напади врз таа земја.

„Ќе видиме што ќе се случи“, рече Трамп во телефонско интервју за „Њуз Нејшн“, одговарајќи на прашање за неговите претходни изјави за можноста за дополнителни разорувања во Иран.

На прашањето што очекува од Техеран пред да донесе одлука, Трамп рече дека иранската страна сака договор.

„Во моментов сакаат да постигнат договор“, рече тој. Трамп тврди дека Иран слабее и економски и воено.

„Ако договорот не е вистински договор, тогаш не би ни размислувал за тоа. Но, во моментов сакаат да постигнат договор бидејќи губат на секој начин“, рече Трамп.

Трамп веќе неколку дена тврди дека Техеран сака преговори. Во понеделникот изјави дека Иран сака договор „брзо и очајнички“ и дека Вашингтон е отворен за можноста за разговори.

Иранското раководство, меѓутоа, јавно дава поинаква слика.

Секретарот на иранскиот Врховен совет за национална безбедност, Мохсен Резаи, оваа недела изјави дека нема да има преговори со САД додека Вашингтон не ги исполни иранските услови.

„Додека не бидат исполнети иранските услови, нема да има преговори“, порача Резаи, обвинувајќи го Трамп дека испраќа противречни пораки.

Војната меѓу САД и Иран трае повеќе од шест месеци, а во последните недели повторно се зголемија тензиите околу Ормутскиот Теснец и извозот на нафта. Иран денеска соопшти дека нападнал танкер за кој тврди дека се обидел да помине низ теснецот без дозвола.

Трамп во интервјуто рече и дека САД преговараат со јеменските Хути.

Такви контакти навистина постојат. Американски претставници минатиот викенд во Оман одржале средба со претставници на Хутите, според пет извори запознаени со разговорите, кои ги цитира „Ројтерс“.

Средбата била одржана со посредство на Оман, а следувала по големото напредување на Хутите долж јеменскиот брег на Црвеното Море.

Хутите, кои се поддржани од Иран, во последните недели повторно ги интензивираа нападите врз Саудиска Арабија и ја проширија контролата врз подрачјето долж Баб ел-Мандеб, еден од најважните светски поморски премини.

Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман минатата недела побарал од Трамп американска воена помош против Хутите. Вашингтон не се согласил на директни американски напади, но понудил разузнавачка помош и поддршка при изборот на цели, објави „Ројтерс“.

Трамп во последните денови истовремено зборува за можноста за договор и за нови напади врз Иран. Во неделата рече дека очекува војната да заврши оваа година, можеби по американските избори за Конгресот во ноември, но не изнесе конкретен план за прекин на конфликтот.