Европската Унија не може да го финансира набавувањето ракети-пресретнувачи за системите „Патриот“ наменети за Украина бидејќи Киев сè уште не ги доставил потпишаните договори. Поради тоа, Европската комисија не може да изврши исплата на средствата од заемот за поддршка на Украина, изјави портпаролот на Комисијата, Балаж Ујвари, на прес-конференција, пренесува „Украинска правда“.
Ујвари појасни дека Европската комисија минатата недела ја одобрила набавката на системите „Патриот“, но дека исплатата зависи од формалната процедура.
„Системите ‘Патриот’ беа одобрени дури минатата недела, па затоа мора да ги добиеме договорите. Според информациите што ги имам, сè уште ги немаме“, рече тој.
Тој објасни дека веднаш штом Комисијата ги добие договорите, ќе може да ја анализира документацијата, а потоа и да ги исплати средствата за оваа опрема.
Парите ќе бидат исплатени од одбранбениот дел од заемот, кој во 2026 година се очекува да изнесува 28,3 милијарди евра.
„Но, тоа веројатно ќе се случи нешто подоцна бидејќи неодамна ги одобривме плановите за испорака на производите поврзани со ‘Патриот’“, додаде Ујвари.
Портпаролот наведе дека ЕУ во моментов исплаќа средства за претходно договорените планови за испорака, кои биле повеќе насочени кон дронови, проектили и борбени авиони.
Тој истакна дека со денешната исплата од 3,3 милијарди евра за дронови и проектили, вкупната вредност на исплатите од одбранбената компонента на заемот во 2026 година достигнала 11,7 милијарди евра.
Оваа набавка е дел од поширокото зајакнување на одбранбената соработка. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, неодамна во своето годишно обраќање пред Европскиот парламент најави формирање Европски совет за безбедност, во кој ќе учествува и Украина.
Таа, исто така, ѝ вети на Украина ракети „Патриот“ и развој на заеднички систем за противракетна одбрана на ЕУ и Украина, базиран на проектот „Фреја“.























