Министерот Агон Ферати оствари средба со амбасадорот на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал.

На почетокот на средбата, министерот Ферати му се заблагодари на амбасадорот Вал за поддршката што ОБСЕ ќе му ја обезбеди на Министерството, со пет тематски експерти и еден водечки експерт, со цел да се даде поддршка во изработката на Националната стратегија за развој на интеркултурализмот и општествената кохезија.

Во продолжение, беше разговарано за значењето на унапредувањето на соработката меѓу заедниците и зајакнувањето на социјалната кохезија, со посебен акцент на младите и политиките за спречување на насилството меѓу врсниците.

Министерот Ферати го претстави концептот „25 и понатаму“, нагласувајќи ја важноста од вклучувањето на локалната самоуправа и младинските центри, со цел да се обезбеди учество на сите заедници во процесот на креирање долгорочни и развојни политики.

Како други приоритети беа истакнати и образованието, економијата, граѓанското општество и стартапите. Двете страни се согласија за зајакнување на стратешкото партнерство меѓу Министерството и ОБСЕ, како и за конкретна поддршка во приоритетните области.

Двајцата соговорници ја истакнаа потребата од конкретно дејствување во насока на градење доверба меѓу сите заедници.