Во рамките на годишните културни награди што ги доделува австрискиот регион Кернтен/Корошка, при што секоја година финансиски се поддржуваат уметници во 8 различни категории, оваа година владата на регионот по предлог на културниот гремиум одлучи наградата за литература да му ја додели на македонскиот писател Давор Стојановски. Ова е првиот случај наградата да ја добие автор што не е роден во регионот и што не твори на еден од двата тамошни официјални јазика – германски или словенечки. Наградата ќе му биде доделена во декември на свечена церемонија во Клагенфурт/Целовец.

Давор Стојановски (Скопје, 1987) е романсиер, поет, драмски автор и музичар. Магистрирал на Катедрата за македонска книжевност на факултетот „Блаже Конески“. Работел како копирајтер и уредник. Преведува од словенечки на македонски. Добитник е на Роман на годината на „Утрински весник“ за „Собирачи на пепел“ (2016), финалист за Роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“ за „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ (2021), бил номиниран за Наградата на ЕУ за литература (2020) и во најтесен избор за наградата „Ацо Шопов“ на ДПМ, како и македонски кандидат за наградата Балканика за 2021 г. Неговата драма „Грејс Кели не пие бамбус“ (2021) беше избрана и препорачана за превод од мрежата ЕУРОДРАМ. Автор е на воведниот есеј на австриското списание за култура Brücke за 2026 г. на тема „невидливи литератури“. Живее во Кернтен/Корошка во Австрија. Поранешен член е на бендот Foolish Green. Или-Или е издавач на романите: „Ненасловена месечева соната“, “Собирачи на пепел“, “Утеха за голите“ и „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“.

Текстот Давор Стојановски – добитник на награда за литература во Австрија е превземен од МАКФАКС.