На свеченото доделување на наградите во Хрватскиот дом Вуковар, на јубилејното, 20-то издание на Вуковар Филм Фестивалот, еден од највлијателните музичари, Влатко Стефановски го доби Посебното признание за придонес во филмската музика, кое го доделуваат Croatia Records и CMC телевизија, медиумски партнери на фестивалот.
Стефановски во текот на повеќе од пет децении кариера компонирал за различни филмски и телевизиски проекти, а неговиот однос кон филмот е обележан со препознатливиот гитарски израз и способноста со звук дополнително да ја изгради атмосферата на приказната.
„Музиката во филмот е неговиот емотивен јазик, а Влатковата гитара често не е само инструмент, туку и раскажувач. Затоа, ова признание му припаѓа на голем уметник кој својата прва филмска музика ја компонирал во 1979 година за потребите на анимираниот филм „Циркус“, чија Gypsy Song од филмот Gypsy Magic стана регионален хит, но ова е и признание за музиката која на филмот му дава динамика, атмосфера и ја засилува емоцијата“, истакна, меѓу другото, Клаудија Чулар, главна и одговорна уредничка на Croatia Records, која му го врачи признанието на Стефановски.
Колку филмската работа се разликува од создавањето авторска музика, најдобро го опиша самиот Стефановски, кој компонирал музика за повеќе од 17 долгометражни филмови, неколку телевизиски проекти и анимирани филмови.
„Навистина сум почестен со ова признание и пријатно ме изненадивте. Во моите 50 години кариера се насобраа доста композиции за различни телевизиски проекти. Работењето на филм е навистина захтевна работа, бидејќи мора да ја следите темата на филмот и желбата на режисерот. Кога ги снимам моите албуми, имам апсолутна слобода во создавањето на моите песни. Ми е драго што имав
можност да работам со некои наши големи режисери, како Столе Попов, Гоце Васков или Рајко Грлиќ на филмот „За среќа се потребни тројца“, рече Стефановски.
Стефановски со својата работа покажа како гитарата може да биде многу повеќе од музичка придружба, а публиката ја крена на нозе со изведбата на песната Gipsy Song. За Стефановски, кој на почетокот на годината беше награден со специјалниот Porin Special Merit Award и кој во текот на кариерата подеднакво убедливо создаваше на сцената, во студиото и со филмската слика, ова признание е уште еден потсетник на широчината на неговата авторска работа.
Фото: архива Вуковар Филм Фестивал
Текстот Влатко Стефановски добитник на посебно признание на Вуковар Филм Фестивалот е превземен од МАКФАКС.















