Значителен број земји членки на Европската Унија ја поддржуваат идејата на Украина порано да ѝ бидат исплатени средствата од заемот на ЕУ наменет за воените напори. Ова го изјави ирската министерка за одбрана Хелен Мекенти, по состанокот со нејзините колеги од Унијата, пренесува Ројтерс.
Украина во борбата против Русија, која трае веќе петта година, во голема мера се потпира на финансирање од странство. Тоа го вклучува и заемот од Европската Унија во износ од 90 милијарди евра, чија исплата е договорена во текот на 2026 и 2027 година.
Новиот украински министер за одбрана Јевхениј Хмара им се обрати на министрите на ЕУ преку видеоврска за време на неформалниот состанок во Ирска. Хмара уште во неделата најави дека ќе побара дел од 45-те милијарди евра, предвидени за исплата следната година, да бидат исплатени порано.
„Од она што го кажа украинскиот министер за одбрана, сосема е јасно дека постои недостиг од средства. Затоа верувам дека значителен број земји членки го поддржаа тоа барање“, изјави Хелен Мекенти на прес-конференција.
Со оглед на тоа што состанокот беше неформален, министрите не можеа да носат официјални одлуки. Мекенти беше домаќин на состанокот бидејќи Ирска во моментов претседава со Советот на Европската Унија. Таа додаде дека за секоја предвремена исплата мора да се усогласат владите на земјите членки и Европската комисија.
„За тоа очигледно ќе се разговара по денешниот состанок, но сметам дека мораме, колку што е можно, да се заложиме исплатата да се забрза.“
Текстот Украина бара порано да добие дел од заемот од 90 милијарди евра, повеќе земји од ЕУ ја поддржуваат е превземен од МАКФАКС.














