Шпанскиот премиер Педро Санчез ги обвини Русија и Израел за ширење и засилување на дезинформациите поврзани со масовниот прилив на мигранти во Сеута, шпанската енклава во Северна Африка, во текот на претходниот месец.
Санчез ги изнесе своите тврдења повикувајќи се на истражување на Европската служба за надворешни работи (EEAS), дипломатската служба на Европската Унија.
Санчез: Искористена е мигрантската криза
Според шпанскиот премиер, „очигледно“ е дека Русија и Израел ја искористиле мигрантската криза во Сеута за да ја критикуваат Владата на Шпанија.
Санчез верува дека таквата акција треба да се гледа и во контекст на политичките несогласувања што Мадрид ги има со Москва и израелските власти поради ставовите на Шпанија кон војните во Украина и Блискиот Исток.
Мадрид се повикува на истражувањето на ЕУ
Тврдењата на шпанскиот премиер се базираат на наодите на EEAS за информациите што беа дистрибуирани и засилени за време на кризата предизвикана од доаѓањето на голем број мигранти на шпанска територија.
Масовни преминувања во Сеута се случија во текот на август, кога мигрантите од Мароко влегоа во оваа шпанска енклава по копно и море.
„Џерусалим пост“, кој го објавува извештајот на Ројтерс, наведува дека станува збор за вест во развој, додека оригиналното издание не даде детали за конкретната дезинформација за која Русија и Израел се обвинети дека ја шират и засилуваат.
Текстот Санчез: Израел и Русија се виновни за хаосот во Сеута е превземен од МАКФАКС.














