Лидерот на граѓанското движење „Национален минимум“, Ацо Велковски, остро реагираше на денешната посета на министерот за земјоделство Серафимовски на Струмица, каде земјоделците со денови протестираат и бараат откупна цена од 50 денари за килограм ајварска пиперка.

Велковски го критикуваше ставот на министерот дека Министерството ќе биде „медијатор“ меѓу земјоделците и откупувачите, оценувајќи дека тоа е недоволно и понижувачки за производителите.

„Министре Серафимовски, земјоделците не ве бараат како медијатор!“, порача Велковски, додавајќи дека државата не треба само да посредува откако ќе избувне проблемот, туку треба навреме да креира политики што ќе обезбедат фер откупни цени и сигурен пласман.

Според него, Владата треба да работи на организиран пласман, директен извоз и отворање нови пазари за македонските земјоделски производи, наместо секоја година земјоделците да излегуваат на улица.

Велковски посочи и дека македонската ајварска пиперка во европските маркети се продава по значително повисоки цени, додека домашните производители се соочуваат со незадоволителни откупни услови.

„Ако државата сака да помогне, нека помогне пред производот да пропадне, а не откако земјоделецот ќе излезе на улица“, порача Велковски.

Во своето обраќање тој упати и директна порака до министерот: „Доста е со медијација“, повикувајќи на конкретни решенија за проблемите на земјоделците.