Тргувањето со крипто-валути, односно со виртуелни пари кои се собираат преку Интернет, за некои поединци е начин за брза заработка. Вредноста на првата дигитална валута позната како Биткоин незапирливо расте. Достигна вртоглави 50 илјади долари за една валута. Некои држави и компании во светот почнаа дури и да го прифаќаат плаќањето со ваквите виртуелни пари. Постојат повеќе од илјада видови од нив, но најпознати се Биткоин и Етериум. Кај нас законски не е дозволено ниту вложување, ниту тргување со нив.

„Активно го следиме развојот на новите технологии и нивното потенцијално влијание врз давателите на финансиските услуги и воопшто финансискиот систем во целина. Во овие рамки ги разгледуваме релевантните прашања во врска со крипто-средствата, притоа како и во многу други земји така и кај нас не постои регулатива со која се регулираат издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата“, вели Игор Величковски, Сектор за иновации во Народната банка.

– Advertisement –

До крипто-валути се стига со помош на компјутерски алгоритми. Тоа може да го прави секој и од секаде во светот. Треба само да знае како. Целта е да се реши определена математичка задача. Наградата е стекнување на една или повеќе крипто-валути. Целиот процес бара вложување во компјутерска опрема, но виртуелни валути може да се купат и на берзи формирани за таа цел. Иако многу држави стојат на ставот дека крипто-валутите се ризични за вложување, основачите не се согласуваат.

„Очекувам во иднина крипто-валутите да воспостават едно важно правило на луѓето, а тоа дека секогаш имаат алтернатива доколку еден ден се случи постоечките пари да почнат да ја губат вредноста, како на пример ако имате инфлација…“, вели Виталик Бутерин, Ко-основач на криптовалута „Етериум“.

Едно од основните образложенија зошто се измислени крипто-валутите е да се заобиколи банкарскиот систем, односно да се вршат трансакции без провизија. Има делови од светот каде државите и фирмите се обидуваат крипто-валутите да ги внесат во легалниот тек со пари. Американската сојузна држава Охајо прифаќа да се плаќа данок со крипто-валути. Јапонија и Кина оваа година ќе почнат со пуштање во оптек на овие пари во банкарскиот и осигурителниот секор. Во Берлин дел од сопствениците на кафулиња и ресторани веќе одамна дозволуваат муштериите да плаќаат со нив.

Андреа Чобанова