Поранешниот градоначалник на Општина Лозово, Ацо Велковски, преку објава на својот Фејсбук-профил најави дека во наредниот период ќе ги посети Македонците и другите граѓани од земјава кои живеат и работат во дијаспората.
Велковски во објавата наведува дека, покрај посетите на сите населени места во Македонија, планира да ги посети и нашите сонародници во Европа и пошироко, со цел, како што вели, директно да разговара со нив и да ги слушне нивните ставови, идеи и проблеми.
,,Почитувани граѓани, почитувани сонародници!
Во наредниот период покрај моите посети во сите населени места во Македонија, ќе ги посетам сите наши сонародници во дијаспората — Македонци, Албанци, Турци, Власи, Бошњаци, Срби, Роми и сите други наши граѓани кои живеат и работат низ Европа.
Ќе одам во секој град во Европа и пошироко каде што живее наш народ, не за да држам говори од дистанца, туку за да седнам со луѓето, да го слушнам нивниот глас, нивните идеи, нивните разочарувања и нивните надежи.
Дијаспората не смее да биде заборавена само затоа што е надвор од границите.
Ќе го слушнам вашиот глас и ќе го пренесам таму каде што треба — во институциите и во политиката.
Но, пред сè, ќе побарам нешто многу поголемо:
,,НАЦИОНАЛНО ЕДИНСТВО”
Не единство околу една партија, не единство околу еден човек, туку единство околу интересите на државата и иднината на сите нејзини граѓани.
Потребен ни е НАЦИОНАЛЕН МИНИМУМ— договор за темелните прашања од кои не смееме да отстапиме без разлика кој е на власт:
-силна и функционална држава
-владеење на правото и еднаквост пред законите
– квалитетно јавно здравство
– квалитетно државно образование
– заштита на националните и државните интереси
– заштита и мудро управување со природните ресурси
-достоинствен живот и економска сигурност
-силна врска со нашата дијаспора
Можеме да се разликуваме по политика, идеологија, етничка припадност и ставови, но мора да се согласиме околу основата на која ќе ја градиме државата.
Време е да престанеме да се делиме за сè, а да почнеме да се обединиме околу она што е најважно – ДРЖАВАТА
-Ќе тргнам меѓу нашиот народ, ќе ве слушнам и ќе разговарам со вас и ќе барам заедно да го изградиме Националниот минимум.
-За држава што ќе биде силна дома и почитувана надвор.
Време е за национално единство.”



















