Премиерот Зоран Заев  во интервју за Слободен печат ја отвори можноста за формирање Влада на Национален спас во која би влегла и опозицијата.

„Нудиме соработка од секој можен аспект. Се што треба да направиме, да направиме, но дефинитивно мора да имате човек од другата страна, за да разговарате. Прв пат го кажувам ова, сакам да отворам дебата за заедничка власт и Влада со опозицијата. Ама да има човек со кого може да се разговара, со господинот Мицковски не се разговара. Или, ако кај нив има разумен човек, а кај нас нема нека го тргнат и Заев само двете партии да можат да разговараат. Мораме да го здружиме нашиот народ, зашто тоа ни е потребно, го знаат и тие, а го знам и јас -премногу ни е поделен народот.

Второ, да ја департизираме администрацијата, а тоа е можно ако двете страни се внатре. Клиентелизмот во судството и во администрацијата ќе исчезне. Ова е дел од новата политика која треба да ја поминам и во СДСМ, а мислам дека имам почит во органите и телата затоа што ова е важно за државата. Да нема забуни, не станува збор за техничка Влада. Но само ако има човек со кого може да се разговара“, вели Заев за Слободен печат.