Безбедносните сили на Мјанмар денеска повторно употребија сила за да ги растурат демонстрациите што повеќе од еден месец се организираат против воениот удар во земјата, само еден ден откако специјалниот претставник на ОН го повика Советот за безбедност да преземе итни мерки за сузбивање на насилството во земјата, откако неделава беа убиени над 50 демонстранти, јавија американските медиуми.
Западните агенции јавуваат дека денеска се одржани нови протести во најголемиот град Јангон, каде врз демонстрантите се употребени флеш бомби и солзавец, и се додава дека протести имало и во други градови низ земјата, каде полицијата постапила на сличен начин.
Големи протести поради воениот удар од 1 февруари секојдневно се организираат во многу градови на Мјанмар, а воените власти на нив одговараат со зголемена употреба на сила и масовни апсења.
Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека минатата недела беа убиени најмалку 18 демонстранти, а само во средата 38, додека повеќе од 1.000 лица се уапсени, се наведува во извештајот на независно Здружение за помош на политичките затвореници, пренесуваат американските медиуми.
Специјалниот пратеник на ОН за Мјанмар, Кристин Оранер Бургенер, го повика Советот за безбедност пред вчерашната затворена седница силно да го осуди военото насилство врз граѓаните на Мјанмар и да го поддржи обновувањето на демократските институции во земјата. Засега нема информации какви мерки презеде Советот за безбедност на ОН.